Davit Kachkachishvili
07 Јуни 2022•Ажурирај: 09 Јуни 2022
БОРОДЈАНКА (АА)
- Давит КАЧКАЧИШВИЛИ
Украинскиот град Бородјанка беше уништен во руските напади, во кои е нападната и психијатриската болница.
Директорката на Болницата за психијатрија и нервни болести, Марина Ганица, рече дека била заробена заедно со пациентите од оваа болница. Во тој период починале 12 лица чии тела морале да бидат погребани во дворот на болницата.
Таа за Агенција Анадолија (АА) раскажа за случувањата во деветте дена додека биле во заробеништво кај руските сили.
Болницата за ментални и нервни болести, во која беа сместени стотици цивили кои побегнаа од центарот на Бородјанка, кој е нападнат во првите денови на руско-украинската војна, беше прибежиште за цивилите и пациентите.

Болницата во која беа сместени околу 350 пациенти, беше претворена во засолниште со пристигнувањето на речиси 500 цивили кои бегаа од војната.
Директорката на болницата, Ганица, изјави дека болницата работи повеќе од 30 години.
„Кога почна војната, 50 деца од градот беа донесени во болницата на 24 и 25 февруари. Во исто време, 70 лица, меѓу кои и деца, беа префрлени кај нас од други психијатриски установи“, објасни Ганица.

Таа рече дека на работа дошла рано утрото на 24 февруари и покрај опасноста од напад.
„Не очекувавме Русија директно да нè нападне на ваков начин“, посочи Ганица.
Таа потсети дека интензивните напади започнале на 25 февруари.
„Првите денови го прекинаа водоснабдувањето и греењето, неколку дена подоцна снема струја. Овде во тоа време престојуваа 800 луѓе. Моравме да обезбедиме храна за толку луѓе. Готвевме храна на оган што го палевме надвор секој ден од пет часот наутро. Меѓутоа, останавме и без храна“, објасни Ганица.
Како што рече, владеел страв.
„Нашите луѓе кои живееја под бомбардирањето умираа. Имаше и постари лица, оние кои беа под стрес, наши пациенти кои не можеа да добијат доволно храна и лекови и оние кои се засолнија кај нас. Починаа 12 лица. Беше страшно. Ископавме масовна гробница во дворот и ги закопавме телата“, рече Ганица.
Според нејзините зборови, руските војници влегле во болницата на 5 март. Како што рече, барале украински војници.

„Нè изведоа сите надвор. Луѓето плачеа. Ги молев да не пукаат во нас. Ги гледаа собите. Вршеа претрес на луѓето. Ни рекоа дека тука бараат нацисти“, рече Ганица.
Додаде дека руските војници останале во болницата до 13 март.
„Не нè пуштаа да излеземе од болницата. Не ни дозволуваа да излеземе за вода. Ни забранија да излегуваме од болницата. Нè користеа како жив штит“, посочи Ганица.
Според неа, тие поставиле мини околу болницата.
Ганица рече дека на 13 март на иницијатива на Црвениот крст и украинската страна, луѓето биле евакуирани од болницата во безбедна зона.
Истакнувајќи дека евакуацијата на стотици луѓе продолжила под интензивен оган, Ганица истакна дека по повлекувањето на руските војници тие се вратиле и ја санирале оштетената болничка зграда.